Практичен водич за правото на пристап до информации од јавен карактер
Во едно демократско општество, граѓаните имаат право да знаат како функционираат јавните институции, како се носат одлуките и како се трошат јавните средства.
Но што се случува кога информацијата што ја бара граѓанинот не може да се најде на веб-страницата на општината?
Во таков случај, граѓанинот не мора да се ограничи само на пребарување на интернет. Законот му дава право официјално да ја побара информацијата од институцијата која ја поседува.
Ова право е регулирано со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој се применува и на органите на општините. Законот ги утврдува условите, начинот и постапката за остварување на ова право.
Кој може да побара информација?
Правото на пристап до информации од јавен карактер им припаѓа на физички и правни лица.
Тоа значи дека граѓанинот не мора да биде новинар, активист, претставник на организација или експерт за да побара информација.
На пример, граѓанин може да побара информации за:
- Буџетот: колку средства се планирани и колку се потрошени за одредена активност или проект.
- Јавните набавки: кои компании добиле договори и која е нивната вредност.
- Општинските проекти: кои проекти се планирани, колку чинат и дали се реализирани.
- Одлуките на Советот: што одлучил Советот на Општината за одредено прашање.
- Субвенциите: колку средства се доделени и кој ги добил.
- Јавните документи: копии од одлуки, договори, извештаи или други документи што претставуваат информации од јавен карактер.
Дали граѓанинот треба да објасни зошто ја бара информацијата?
Не.
Граѓанинот не мора да го оправдува својот интерес за информацијата. Важно е барањето да биде јасно и да прецизира каква информација се бара.
Колку поконкретно е формулирано барањето, толку полесно институцијата може да ја идентификува информацијата и да одговори.
На пример, наместо: „Сакам информации за трошоците на општината.“
подобро е да се побара: „Ве молам да ми доставите информација за планираниот и реализираниот износ за одржување на јавните површини во Општина Тетово во текот на 2025 година, како и копии од релевантните документи.“
Како се поднесува барањето?
Законот овозможува барањето за пристап до информации да се поднесе писмено, електронски или усно, во согласност со законски утврдената постапка.
Сепак, за граѓанинот е попрактично барањето да биде поднесено писмено или електронски, бидејќи на тој начин постои доказ кога е поднесено и што точно е побарано.
Општина Тетово има посебна секција за Информации од јавен карактер, каде што граѓаните можат да ги најдат релевантните документи и обрасци.
Образец за барање: Општина Тетово – Информации од јавен карактер
На страницата на Општината се објавени и информации за одговорните лица и начинот на поднесување на барањето.
Што треба да содржи барањето?
Барањето треба да биде доволно јасно за институцијата да може точно да разбере каква информација се бара.
Во пракса, граѓанинот треба да ги наведе своите податоци, институцијата до која се обраќа и конкретната информација што ја бара.
Добро е да се наведе и во каква форма граѓанинот сака да ја добие информацијата, на пример како електронски документ, копија или преку увид во документот.
Колку време има Општината за одговор?
Ова е еден од најважните елементи на постапката.
Согласно член 21 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателот на информацијата е должен да одговори веднаш, а најдоцна во рок од 20 дена од денот на приемот на барањето.
Во одредени случаи рокот може да биде продолжен до 30 дена. Тоа може да се случи, меѓу другото, кога треба да се овозможи делумен пристап или кога бараната информација е обемна.
Доколку рокот се продолжува, институцијата мора да го извести барателот електронски што е можно поскоро, но најдоцна во рок од седум дена од приемот на барањето.
Затоа, граѓанинот треба да го зачува доказот за поднесување на барањето, бидејќи од тој датум почнуваат да се сметаат роковите.
Што треба да направи Општината откако ќе го прими барањето?
Општината, како имател на информацијата, има обврска да постапи согласно законски утврдената процедура.
Таа треба да го разгледа барањето, да утврди дали ја поседува бараната информација и, кога постојат законски услови, да му овозможи на граѓанинот пристап до информацијата.
Јавните институции треба да имаат и овластени службени лица за посредување со информациите од јавен карактер.
Целта на законот е институциите да бидат отворени и транспарентни и да им овозможат на физичките и правните лица да го остваруваат правото на пристап до информации.
Што ако Општината не ја поседува информацијата?
Доколку информацијата не е во посед на институцијата до која е доставено барањето, постапката предвидува барањето да се разгледа во согласност со надлежностите и со институцијата која ја поседува информацијата.
За граѓанинот ова е важно бидејќи не треба да остане без одговор само затоа што барањето било доставено до институција која не ја поседува информацијата.
Може ли Општината да го одбие барањето?
Да, но не произволно.
Законот предвидува случаи кога пристапот до информациите може да биде ограничен, на пример поради заштита на личните податоци, класифицирани информации, одредени истражни постапки или други интереси заштитени со закон.
Сепак, ограничувањето на пристапот мора да има законска основа.
Кога само дел од документот содржи заштитена информација, може да се овозможи делумен пристап, така што останатиот дел од документот ќе му биде достапен на граѓанинот.
Што ако Општината не одговори?
Ако поминат 20 дена, а Општината не одговори, или ако рокот законски е продолжен и поминат 30 дена без одговор, станува збор за таканаречен „молк на администрацијата“.
Во таков случај, граѓанинот има право на правна заштита и може да поднесе жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Агенцијата постапува по жалби и кога институцијата не постапила во законскиот рок, како и во случаи кога барањето било одбиено.
Жалбата се поднесува во рок од 15 дена по истекот на законскиот рок, или во рок од 15 дена од приемот на одговорот или решението, зависно од случајот.
Образец за жалба: Агенција – образец за жалба
Дали се плаќа за информацијата?
Пристапот до информациите од јавен карактер е бесплатен.
Сепак, може да се наплатат материјални трошоци за копирање, фотокопирање, препис или електронски записи, особено кога се бара голем обем на информации.
Тоа значи дека граѓанинот не плаќа за самото право на пристап, но во одредени случаи може да има материјални трошоци за подготовка на документите.
Што треба да направи граѓанинот во пракса?
- Провери дали информацијата веќе е објавена.
- Прецизирај каква информација бараш.
- Поднеси го барањето писмено или електронски и зачувај доказ за поднесувањето.
- Почекај одговор во рок од 20 дена, освен ако рокот законски не е продолжен.
- Ако Општината го продолжи рокот, провери дали си бил известен во рок од седум дена.
- Ако не добиеш одговор или барањето е одбиено, разгледај ја можноста за поднесување жалба до Агенцијата.
Оваа постапка му дава на граѓанинот конкретен механизам за барање информации и тогаш кога тие не се лесно достапни на интернет.

Зошто е важно ова право?
Пристапот до информациите од јавен карактер не е само административна процедура.
Тој им овозможува на граѓаните да проверуваат како функционираат институциите, како се користат јавните средства и како се носат одлуките што влијаат врз нивниот живот.
За еден млад човек во Тетово, ова може да значи право да праша колку чинел одреден проект, колку средства се потрошени за одредена активност, кој добил јавен договор или што одлучил Советот на Општината.
На крајот, принципот е едноставен:
Граѓанинот има право да побара информација. Институцијата има обврска да постапи согласно законот.
Извори и обрасци
- Општина Тетово – Информации од јавен карактер и образец за барање
- Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер
- Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер
- Агенција – образец за жалба
Автор: Ангел Стојановски

Оваа активност е поддржана од Иницијативата за дигитална демократија CIVICUS (DDI)
